пребарај

Pregledi

Strani

четврток, 1 декември 2011

Duet Kuculova-Andreevski



Duet Kuculova Andreevski-Sinojka pominav pod tvojot prozorec.mp3
Duet Kuculova-Andreevski-Dobar den bre majstorce.mp3
Duetot Kuculova- Andreevski-Bog da bie tvojta majka.mp3
Duetot Kuculova- Andreevski-Vrati ni se milo cedo.mp3

Malku istorija za ovoj nas duet.....


За љубителите на народната песна тие, едноставно, се познати како дует Куцулова - Андреевски, а за поголем број граѓани на Битола како брачна двојка Ѓорѓи Андреевски - Јорданка Куцулова. Двајцата 50 години ја популаризираат македонската народна песна, зашто речиси од најмлади години од училишните клупи, а потоа преку Радио Битола и македонската продукција со успех лансираа повеќе песни кои се вбројуваат во редот на оние што се сметаат за антологиски и незаборавни. А такви се: "Проклета да е Австралија", "Туѓината пуста да остане", "Цветините очи черешови", "Ја излези либе на пенџере", "Марко пијаницата" и многу други, снимени на седум плочи со по четири песни на секоја и на две лонг-плеј плочи со триесетина песни. За безбројните настапи преку програмите на радиостаниците, Македонската телевизија, гостувањата меѓу нашите во странство, да не зборуваме. Им нема број.
- Со пеењето првин почнавме во гимназиските години, а потоа запознавајќи се подобро почнавме да пееме и во дует. Кога заминавме да студираме, јас на Правниот факултет, Јорданка на Филозофскиот, пеењето не го запоставивме. Настапувавме во студентските друштва. Подоцна стапивме во брак и точно 50 години сме неразделни и во животот и во песната - вели Ѓорѓи Андреевски, кој како раководител на правното одделение во фабриката за фрижидери "Раде Кончар" од 1996 година е во пензија.
Како и многу други солисти и дуети на Радио Битола и Куцулова-Андреевски на почетокот пееја во живо, особено беа сакани и слушани песните поврзани со печалбарството, зашто на почетокот на нивната кариера и најмногу битолчани и жители од селата заминуваа во Австралија и Америка. Тие во живо низ емисиите "Поздрави и честитки на наши слушатели", пееја за тагата при разделувањето, за копнежот, за разделените љубовни трепети. Емисиите одеа во живо, а тие очекуваа да заврши читањето на поздравите и да запеат, зашто тогашната техника во студиото не овозможуваше правање магнетофонски записи. Малку подоцна во Радио Скопје почнаа да ги снимаат своите песни кои на почетокот мораше да ги евидентираат како народни, зашто авторските не им ги примаа.
- Тогаш ретко кој можеше да ги регистрира своите компонирани песни. Сите ги евидентиравме како народни, а дури подоцна можевме да го пријавиме авторството. Во тој период создадовме повеќе песни кои истовремено, како "народни" ги пееја и снимаа на грамофонски плочи многу наши познати пејачи. Во еден период ние почнавме да снимаме за РТБ и да имаме повеќе телевизиски настапи. На таков начин се прошири нашата кариера, додава Андреевски.
И двајцата досега имаат одржано повеќе концерти во земјата и странство. Гостувале во повеќе земји каде што живеат и работат Македонци. Им пееле за нивните напуштени огништа, за љубовните разделби, за тагата и болката на мајките и сестрите од туѓината. Со нив пееја и тие, но и тагуваа зашто ретко кој од печалбарите се враќаше повторно во родната земја.
- Уште на почетокот на нашата кариера посакувавме дел од песните да ги снимаме во наши студија, но за тоа немаше ни можност, ни техника. Радио Скопје не беше доволно опремено, немаше таква продукција, па патувавме во Белград. Таму често ни беше сугерирано која песна како да се изведе, постави на грамофонска плоча. На тој начин мислам дека многу наши познати пејачи и дуети не успеаја поуспешно да ги крунисаат своите таленти, да направат подобри кариери, да остават зад себе песни што сите ги сакаа. Но, кога во Радио Скопје и МТВ почнаа да се снимаат песните, тогаш може да се рече дека не само нашата, туку и популарноста на другите пејачи се зголеми. Почнавме соработка со Кочо Петровски, со низа други наши познати автори и музичари. Денес и дел од нашите изведби се вбројуваат во незаборавниот македонски народен мелос - вели Јорданка Куцулова.
Двајцата како студенти и членови на културно-уметнички друштва имаа низа настапи, а по враќањето во Битола го продолжија заедничкиот живот и музичката кариера. Ѓорѓи Андреевски се вработи во фабриката за фрижидери, а Јорданка Куцулова, првин како професор по македонски јазик, а потоа во детските градинки за во 1999 година, како раководител на Општинскиот Црвен крст, замина во пензија. Нивните професионални ангажмани и постигања, исто така, добро им се познати на битолчани зашто Куцулова беше иницијатор за формирање неколку детски градинки, детски забавни паркчиња, а придонесот на Андреевски не само во "Фрижидерка", туку и со други негови ангажмани бил исто така забележителен, како и нивните песни и настапи. Двајцата насекаде беа препознатливи. Најчесто по песните, по мелодичноста на изведбите, по љубовта и заедништвото што го искажуваа во својата средина.
- Денес многу пејачи преку ноќ со една или две песни стануваат популарни. Стекнуваат обожаватели, настапуваат насекаде. Во наше време не беше така. Нашите песни сите ги препознаваа, сакаа и пееја, а немаа можност да не запознаат. Многу помалку се пишуваше за македонската песна, за нејзината етногенеза, убавина. Денес таа е распослана насекаде. Нашите песни веќе се незаборавни. Во нејзината популаризација и ние можеби имаме еден мал придонес - истакнува Андреевски. Веќе неколку години дуетот Куцулова-Андреевски повеќе не настапува во живо и пред публика. Единствено во кругот на своите најблиски, роднини и пријатели. Но, затоа, пак, нивните снимени песни се уште се популарни меѓу љубителите на народната музика. Низ неа секојдневно се популаризираат нови песни, нови изведби, но, старите, оние што се нарекуваат евергрини, не се забораваат. А од дуетот Куцулова - Андреевски такви има десетина. Ќе се пеат вечно, зашто го отсликуваат нашиот бит, нашето постоење, традиција и култура. Низ нив се пее за убавите селски моми, за раскошните градски чардаци и весели квечеринки, но и за туѓината која, исто така, е тесно поврзана со нашето постоење. Дуетот Куцулова - Андреевски половина век со микрофоните во рацете го популаризирал тој мелос, таа наша убава македонска народна песна.

На столче до микрофонот
Ѓорѓи Андреевски е роден во познатото битолско Јени-маале, а Јорданка Куцулова по потекло е од Галичник. Таа уште како малечка го искажа пејачкиот талент, но кога на почетокот почна да има јавни настапи, мораше на столче да ја качуваат за да го достигне статичниот микрофон. А, малечката Јорданка ниту имаше трема, нити се срамеше. Пееше со сета своја душа, трудејќи се што поубаво погромогласно да ги заслужи честитките и аплаузите на слушателите. На многу нивни изведби како автор е потпишан сопругот Ѓорѓи Андреевски, а за многу нивни песни мелодиите ги создавале Кочо Стојановски - Кочани, Ѓорѓи Белџигеровски, Кочо Петровски, Беа Османов, Јонче Христовски, Ристо Пулевски и други. Дел од нив, исто така, се популаризираа со нивните изведби.